Со нетрпение ја очекувам секоја сабота, недела, среда... го очекувам секој ден кога игра Барселона. Ќе гледам одличен фудбал, ќе го гледам најдобриот тим на планетава. Постојано зборувам дека ќе дојде вторникот кога ќе игра со Арсенал за по вторпат да го гледам најубавиот натпревар сезонава. Не е многу тешко да ѝ се восхитуваш на Барселона, без разлика дали навиваш за неа или не. Не е тешко да ја цениш способноста на нејзините играчи да го одиграат најдоброто и ова не е само поради доминацијата во девет-десеттини од игралиштето, туку е и поради спектакуларниот и несомнен успех. Поради резултатите што на крајот се мерило за сè.
Сепак, дали сум единствениот кој почнува да се заморува, барем малку? Дали сум единствениот кому почнува да му недостасува по малку зачин на таа импресивна игра? Пас по пас по пас по пас и така 1.000 пати до гол... Совршено. Но, што има лошо во барем едно додавање (одвреме-навреме) подолго од три метри? Има ли нешто лошо во нафрлување што, точно, има поголеми шанси да биде пресечено? Во еден шут од 30 метри? Во изведување корнер со нафрлување во шеснаесетникот?
Барса игра на доминација и тоа е јасно. Перфектна послушност на сите 11 и придржување кон пас-играта без исклучок. Едвај чекам да ја гледам Барселона како игра... а по половина час, едноставно посакувам само да му ја дадат топката на Меси и да го остават да трча со неа. Нема ни тоа. Нема разновидност, нема ништо ново. Само пас-пас-пас-пас... Да не се сфатиме погрешно. Барселона е несомнено технички најдобро поткованиот тим во светот. И најдобриот во целина. Но, истовремено е и здодевен. Тоа е нешто како да го гледаш најдобриот математичар во светот додека безгрешно ја изведува најсложената тригонометриска задача. И следниот ден да го гледаш повторно како го прави истото...
Секако, ќе бидам „нацртан“ пред телевизор наредниот вторник. Ќе гледам и Ла Лига во сабота против Сарагоса. И секоја наредна сабота... и кој било друг ден кога игра Барселона. Но, добивам чувство дека веќе сум ги гледал тие натпревари. Сум ги видел головите на Меси, Вилја, Педро, додавањата на Чави, Бускетс, Иниеста, Алвес... Сакам да видам нов гол, макар и малку поразличен од претходниот. Сакам да видам грешка на Пике, не за да ѝ наштетам на Барселона, туку едноставно, за да биде малку поразлично.