„Кога видов кој судија ќе ја дели правдата на натпреварот, морам да кажам дека почувствував страв. Се плашев од најлошото“, рече Сер Алекс Фергусон по синоќешното дерби помеѓу Челзи и Манчестер Јунајтед. Стравувањата на менаџерот на „црвените ѓаволи“ очигледно биле оправдани, бидејќи токму главниот судија на натпреварот, Мартин Еткинсон, беше во центарот на вниманието и главен виновник за поразот на Јунајтед.
Можеби звучи навивачки, но навистина не е така. Еве ги фактите што потврдуваат како „човекот во црно“ му обезбеди на Челзи три бода, а на Манчестер Јунајтед му го нанесе вториот сезонски пораз. Вејн Руни со одличен гол од далечина заслужено му донесе водство на гостинскиот тим по половина час игра на „Стемфорд Бриџ“. Поевтиното зимско засилување за Челзи, Давид Луиз, го постигна израмнувачкиот гол по само девет минути игра во вториот дел. Најважниот момент на натпреварот се случи во 77-та минута, кога Давид Луиз направи намерен и груб прекршок над Вејн Руни, што можеше комплетно да го смени текот на дербито. Судијата Еткинсон мораше да му покаже на Бразилецот втор жолт картон и да го испрати во соблекувалната, но свирчето му остана в рака и играта продолжи. Само две минути подоцна делителот на правдата без многу двоумење досуди непостоечки пенал за „сините“, откако Јуриј Жирков сам се сопна од ногата на Крис Смолинг. На Лампард не му преостана ништо друго освен да му донесе победа на својот тим.
Жално што Мартин Еткинсон никогаш не бил дел од англиската судиска елита и на неговите натпревари секогаш има оштетена страна и многу исклучени играчи. Еден свиреж на судијата е доволен комплетно да се смени играта на натпреварот, а тоа го видовме синоќа во Лондон. Лошо судење, многу грешки и очигледно фаворизирање. Сепак, судијата синоќа имаше и една добра одлука, кога во последната минута од дуелот му додели втор жолт картон на Немања Видиќ. По вакво слабо судење се поставуваат две прашања. Дали Мартин Еткинсон намерно судеше во корист на Челзи или човекот толку знае? Би било многу чудно доколку на овој човек повторно му биде доделен дерби-меч во Премиерлигата. Треба да биде среќен што не суди во втората лига на Чиле (погледнете зошто
тука).