Уште при извлекувањето на групите во Лигата на шампионите и објавувањето на натпреварувачкиот календар, фудбалските фанови со нетрпение го очекуваа третото коло во групата Г и големата пресметката помеѓу Реал Мадрид и Милан. Двата најуспешни клубови во најелитното фудбалско натпреварување заедно тежат вкупно 16 титули. Педигрето на двата тима, неверојатниот играчки кадар на двете страни и историјата ни даваат со право во Мадрид да очекуваме натпревар еднаков на финале.
Пред точно една година овие два тима се сретнаа на „Сантијаго Бернабеу“ исто така во групната фаза од шампионската лига. Италијанците славеа со 3-2 во еден од најдобрите натпревари одиграни минатата сезона во европските купови. Реал Мадрид сега на клупата го има Жозе Мурињо, кој знае како се победува Милан, бидејќи две сезони го водеше градскиот ривал на „росонерите“, Интер.
Португалецот како ретко досега зборува со респект за неговиот следен противник, а иронично или не, се надева дека Филипо Инзаги нема да игра на „Сантијаго Бернабеу“. „Имаме шанса да ја кроиме сопствената судбина во групата. Милан во своите редови има одлични играчи и мораат да бидат почитувани. Го ценам секој нивни играч, но ако сум искрен се надевам дека Пипо Инзаги нема да настапи“, изјави
Мурињо.
Неговиот колега на спротивната страна, Масимилијано Алегри, смета дека неговиот тим ќе мора да одигра тактички перфектно за да дојде до позитивен резултат во Мадрид. „Се надевам дека ова ќе биде специјален натпревар. Мислам дека ова ќе биде фасцинантен дуел, но најважното нешто се бодовите што треба да се освојат. Овој натпревар ќе биде клучен за пласманот во следната рунда“, рече
Алегри.
Останатите вечерашни натпревари во Лигата на шампионите се во сенка на мадридската пресметка. Челзи против Спартак Москва на стадионот „Лужники“ ќе се обиде да ги заборави лошите духови од минатото, а на вториот натпревар од групата Ф, Олимпик Марсеј на домашен терен има лесна задача против Жилина.
Фаворитите во групата Е, Рома и Баерн на домашен терен ги пречекуваат Базел, односно Клуж. Едуардо со Шахтар се враќа на „Емирати“ на дуел со Арсенал, а српскиот шампион Партизан се надева на првиот бод на гостувањето кај Брага.