Барселона во вторникот уште еднаш го положи тестот што го потврдува нејзиниот карактер и квалитет и сосем оправдано е фаворит за подигнување на трофејот во Лигата на шампионите. Во победата против Арсенал покажа доминација и не случајно многумина ја издвојуваат како најдобар тим во светот, а некои и најдобар во историјата на фудбалот. Веројатно, со право...
Сепак, од другата страна има уште толку кои како причина за нејзиниот успех ја земаат помошта отстрана, додека некои од најголемите моменти на Барселона се придружени со лоши судиски одлуки. Нема да кажеме дека тоа е точно, но ќе разгледаме некои од поновите контроверзни одлуки што ги фаворизираа „каталонците“ во Европа.
Бенфика - Барселона (2005/06)
Веројатно многумина веќе заборавија на овој натпревар. Се случи во сезоната 2005/06, кога Барселона ја помина Бенфика во четвртфиналето и потоа ја освои Лигата на шампионите. Во тоа четвртфинале, во Лисабон се играше 0-0, а Бенфика беше два пати спречена да го отвори резултатот. Две игри со рака на дефанзивците на Барса во шеснаесетникот не беа санкционирани (во видеото на 2:50 и 3:15).
По натпреварот, тогашниот тренер на Бенфика, Роналд Куман, коментираше дека ако ваква ситуација се случеше во другиот шеснаесетник, сигурно ќе било покажано на белата точка. Како да ја знаеше иднината кога го кажа тоа. Истото се случи на реваншот во Барселона и судијата досуди пенал, но Роналдињо не реализираше. Барса на крајот славеше со 2-0 и помина во полуфиналето.
Барселона - Милан (2005/06)
Истата сезона, веднаш по Бенфика, Барса имаше потешка задача да го помине Милан. Победи на гости со 1-0, но на „Ноу Камп“ имаше проблеми. Андриј Шевченко постигна чист гол за Милан, што ќе го изедначеше вкупниот резултат. Судијата покажа фаул над Пујол. Во видеото јасно се гледа дека нема контакт.
Натпреварот заврши 0-0 и Барселона помина во финалето.
Барселона - Арсенал (2005/06)
Во финалето против Арсенал, издвоениот момент се случи во 18-тата минута на 0-0. Самуел Ето излезе сам пред Јенс Леман, кога германскиот голман го фаулираше Камерунецот. Топката продолжи до Лудовик Жили кој реализираше, но судијата го поништи тој гол и му додели црвен картон на Леман.
Можеби не изгледа како Барселона да профитира од оваа одлука, но погледнете повнимателно. Многу играчи на Барселона истрчаа кај судијата веднаш по голот, барајќи нумеричка предност на теренот. И судијата навистина ги ислуша. Арсенал го жртвуваше Пирес за Алмунија да влезе во игра, по што Барселона победи со 2-1 и ја освои титулата. Јенс Леман стана првиот играч во историјата кој добил црвен картон во финален натпревар од Лигата на шампионите.
Челзи - Барселона (2008-09)
Најконтроверзниот натпревар во последната декада што сигурно сите добро го паметат. По 0-0 на „Ноу Камп“, на Барса ѝ требаше минимум 1-1 во Лондон за да оди во финалето на Лигата на шампионите. Токму тој резултат го добија со голот на Иниеста на крајот од мечот, но судијата Овребо токму тука се „прослави“.
Овребо не досуди шест чисти пенали за Челзи на таа средба по прекршоците над Малуда, Анелка и Дрогба во два наврати, како и играњата со рака во шеснаесетникот на Пике и Ето. Барселона помина во финале и го победи Манчестер Јунајтед со 2-0, а Челзи заработи неколку казни за протестирање врз судијата.
Барселона - Интер (2009/10)
По 3-1 на „Сан Сиро“ за Интер, на Барселона ѝ требаа минимум два гола против силната одбрана на Мурињо за пласман во финалето. По 27 минути на „Ноу Камп“, на Тијаго Мота му беше доделен директен црвен картон откако го удри Серхио Бускетс во лицето.
Како и да е, ударот не беше баш удар и не беше баш во лицето на Бускетс, но „театарот“ на Шпанецот го испрати Мота во соблекувалната и ѝ донесе на Барселона нумеричка предност на теренот (видео од „театарот“ конкретно -
тука). И покрај тоа, Барселона победи само со 1-0 и беше елиминирана.
Барселона - Арсенал (2010/11)
Само неколку минути откако Арсенал изедначи на 1-1 (резултат што ја елиминира Барселона), напаѓачот на англискиот тим доби црвен картон. Ван Перси кажа дека не го чул свирчето на судијата поради гласноста на многубројните навивачи на „Ноу Камп“. Судијата, Масимо Бусака, сепак го испрати Холанѓанецот во соблекувалната поради наводно „задржување време“.
Барселона постигна уште два гола до крајот со играч повеќе на теренот и со вкупен резултат од 4-3 помина во четвртфиналето.
ЗАКЛУЧОК:
Целта на оваа статија не е да се докаже дека Барселона успева поради лошите судиски одлуки. Ако нешто стои како факт, тоа е дека Барса сè уште најдобриот тим во светот и граби кон најдобар на сите времиња. Но, овие судиски моменти го одземаат вниманието од играта и квалитетот и нè насочуваат на друга страна.
Големите тимови добиваат помош од судиите и тоа не е фер кон останатите. Веројатно може слична статија да се направи и за уште многу тимови меѓу кои и Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Челзи, Милан и други.
На УЕФА и ФИФА е да го запрат ова. Да го запрат, за да можеме да се концентрираме на играта на екипите, наместо на судиите. Ним најдобро е да не им се чуе името на еден натпревар, наместо да бидат главни актери. Привлекуваат непотребно внимание и им одземаат од инаку заслужениот успех на квалитетните екипи.
Повеќе содржини од денеска - ТУКА.