Вечното дерби се враќа на голема врата. Во фантастична атмосфера во салата „Борис Трајковски“, која очигледно е дека и недостасуваше на македонската спортска јавност, МЗТ Скопје го победи вечниот ривал Работнички во првиот сезонски меѓусебен дуел со
62-60.
Се чувствуваше притисок кај играчите на двете екипи. Дури и искусните кошаркари на Работнички, кои веќе биле дел од повеќе слични натпревари во минатите години, тешко успеваа да се справат со тензијата. Во двата тима се правеа многу грешки, како во одбраната, така и во нападот, а најдобар показател за тоа е процентот за три поени кој кај Работнички на крајот изнесуваше 18, додека кај МЗТ – 23 проценти.
Работнички многу рано се сретна со проблеми на бековските позиции, Мираковски првото полувреме го заврши со четири лични, а резервистот Саздов уште во третата четвртина ја напушти играта со пет. Кај условно домашниот тим, најдобро играше Гоцевски во првото полувреме, а во второто доби поддршка и од Блажевски. Заедно искомбинираа 39 поени, но немаа поддршка, иако ја очекуваа од Мираковски (0/11 шут од поле) и Симиќ (0/6 шут од поле).
Кај МЗТ Скопје, Зивчевиќ беше одличен, постигна неколку важни кошеви во натпреварот, а стрелец беше и на најважните, односно последните два од слободни фрлања на 20-тина секунди до крајот. Со реализацијата потфрли Јане Петровски, но Николовски, Грнчаров и Аврамовски (во првото полувреме) надополнија со солидна сестрана игра.
На крајот, победа за аеродромци во спектакл кој ветува регенерација на македонската клупска кошарка. На задоволство на сите, вклучувајќи нè и нас медиумите, на кои ни претставува чест да пишуваме за нешто наше, а навистина вредно.
Но, било која репортажа за одиграниот натпревар не би била ни половично потполна, доколку не се потенцираат апсолутно заслужените
пофалби за навивачите. „Сити Парк Бојс“ и „Аеродром Фемили“ го направија спектаклот и ги направија клубовите уште еднаш горди што ги имаат. А сигурно ќе ги имаат и за следните дерби натпревари сезонава, кои гледани од оваа перспектива, само ќе не провоцираат да кажеме „ова беше најдоброто дерби до сега“.