Ракометарите на Металург вечерва во „Автокоманда“ многу потешко од очекувањата го совладаа Борац со минимални 26-25 во рамки на 17-тото коло во СЕХА-лигата. Избраниците на Лино Червар очигледно во мислите го имаа Хамбург, а не босанскиот тим па затоа до новите три бода дојдоа по потешкиот пат. Без „бомбардерот“ Марковиќ во тимот, кој доби поштеда, добра игра во нападот прикажа Наумче Мојсоски, кој со својот осми гол на натпреварот и го реши победникот.
Гостите се покажаа како тврд противник, кој беше решен да го изненади фаворитот. Својата мотивација Борац ја демонстрираше уште во првите пет минути кога поведе со 1-4. Металург со серија 3-0 успеа да израмни, а во продолжението се играше гол за гол. Најголемата предност на македонскиот шампион во првото полувреме изнесуваше само два гола, а на пауза се замина со резултат 13-12. На стартот на второто полувреме Металург дојде и до четири голови предност 18-14, но потоа имаше неверојатен пад во играта на нашиот тим. Во финишот, односно во последната минута од натпреварот, Босанците дојдоа и до израмнување 25-25, но Мојсоски погоди во последниот напад за десета победа во СЕХА-лигата.
Наумче Мојсоски со осум голови беше најефикасен во тимот на Металург, а Козлина постигна шест. По три пати во листата на стрелците се запишаа Миркуловски и Ванчо Димовски, а два гола постигна Златко Мојсоски. Голманите на Металург немаа свој ден, па Станиќ имаше само шест интервенции, а Ангелов четири. Кај гостите, најмногу се истакна Џукиќ со шест голови, Тривунџа постигна еден помалку, а Сабљиќ четири пати се запиша во листата на стрелците. Со оваа победа Металург се зацврсти на третата позиција на табелата со 33 бодови од 14 натпревари.
Повеќе содржини од денеска -
ТУКАТекстот не е лекториран.