Хокеарската репрезентација на Македонија престојниот викенд во Бугарија ќе настапи на квалификациски турнир за пласман на Светското првенство во ин-лајн хокеј втора дивизија, кое ќе се одржи следната година во Инглштад, Германија. Условите во нашата држава не дозволуваат хокеарски тренинг во летниот период, па затоа нашите репрезентативци лизгалките и ледот го заменија со ролери и скопскиот бетон. Во изминатите две недели хокеарите засилено се подготвуваат за настап на квалификацискиот турнир во Софија по откажувањето на Израел. Македонија е во група со домашната селекција и со Турција. Натпреварите ги започнуваме во петок во 20 часот против Турците, а во сабота го играме можеби решавачкиот меч против Бугарија.
„Со Турција претпоставувам дека ќе бидеме на исто ниво“, вели директорот на Хокеарската федерација на Македонија, Томислав Атанасовски. „Знаеме дека тие исто како и ние ќе дојдат ослабени. Ние ќе настапиме без четири играчи од првата постава, кои не можат да играатна овој турнир од неколку различни причини. Во сабота во 18 часот играме со Бугарија. Натпревар кој сигурно ќе одлучи која репрезентација ќе го освои првото место во квалификациската група и ќе обезбеди пласман на Светското првенство во Инглтштад втора дивизија“, рече Атанасовски, кој смета дека добрата физичка подготвеност е наш адут и покрај тоа што нашите хокеари никогаш досега не играле ин-лајн хокеј на високо ниво.
„Момчињата се физички подготвени беспрекорно. Очекувам победа против Турција и неизвесност со Бугарија. Се надеваме на нашата беспрекорна физичка подготвеност благодарение на руските тренери. Ни недостасува малку техника, бидејќи немаме каде да вежбаме ин-лајн хокеј. Ќе биде малку тешко, бидејќи не сме тренирале на таква пластична подлога на каква што ќе играме и не знаеме како ќе се однесува пакот, но и ролерите. Мислам дека момчињата ќе дадат се од себе и да бидеме први“, заврши Атанасовски.
Повеќе содржини од денеска -
ТУКА.
Текстот не е лекториран.